Светскиот шампион во тешка категорија, Британецот Ентони Џошуа, конечно, го доби првиот американски меч. Шампионот во ВБА, ИБФ, ВБО и ИБО верзија ќе боксува против Џерел Милер на 1 јуни во „Медисон сквер гарден“ во Њујорк.
„Планирам да ја прифатам американската култура и да си заминам со уште поголем апетит“, изјави Џошуа, кој своите претходни 22 професионални мечеви ги имаше во Британија.
Џошуа има 22 победи, од кои 21 со нокаут и само Новозеланѓанецот Џозеф Паркер успеа да изддржи 12 рунди со него. Неговите последни пет меча беа на стадиони со вкупно 400.000 гледачи, од кои најславниот беше триумфот над Владимир Кличко на „Вембли“ во април 2017.
Тој претходно не успеа да се договори со носителот на ВБА титулата, Дионтеј Вајлдер за меч, и Американецот боксуваше со Тајсон Фјури во декември, меч кој заврши со реми и кој ќе има и второ продолжение.
Од другата страна е Џерел „Бејби“ Милер, боксер кој полека ја гради својата репутација и има 23 победи и едно реми во 24 меча. Тој е роден во Њујорк, така што ќе има мотив повеќе за победа.
„Еј Џеј прави голема грешка што доаѓа тука во мојот двор. Сака да се најави на американската публика, но наместо тоа ќе ми ги предаде тие појаси. Ќе си замине од Њујорк со празни раце“, изјави Милер.