Себастијан Фетел го заврши првиот ден од зимското тестирање во Формула 1 на патеката Каталуња покрај Барселона со најдобро време за Ферари, а уште повеќе импресионираше со тоа што комплетираше 169 кругови, убедливо најмногу од конкуренцијата.
Фетел беше најбрз и на утринската сесија со време од 1:18.161, тој додаде уште една дистанца на трка во текот на попладневната сесија и иако не го подобри времето, знаците се секако позитивни за Ферари.
Карлос Саинс Јуниор беше втор за Мекларен и покрај тоа што предизвика црвено знаме во текот на попладнето со 1:18.558 со 119 кругови. На третото место беше уште еден болид со мотори на Ферари, Роман Грожан со Хас (1:19.159), пред Макс Ферстапен во Ред бул (1:19.426) со 128 кругови.
Кими Раиконен имаше нестабилен старт на кариерата како возач на Алфа Ромео откако се излизга во текот на утринската сесија, и уште еднаш во финишот на денот. Валтери Ботас беше само осми за Мерцедес, а во текот на попладнето зад воланот седна Луис Хамилтон. Ботас имаше 69 кругови и време од 1:20.143, додека Хамилтон со 81 круг беше за 0.008 секунди поспор од него.
Двата возачи на Рено имаа најслабо време, во разочарувачки старт на Даниел Рикардо (11. место), додека вистинска катастрофа имаше во еднаш славниот тим на Вилијамс – тие воопшто не се појавија на патеката, и најверојатно нема да се појават ниту во вторник откако нивниот ФВ42 болид уште не е финализиран.
БАРСЕЛОНА, 1.ДЕН
1.Себастијан Фетел (Ферари) 1:18.161, 169 круга
2.Карлос Саинс Јуниор (Мекларен) 1:18.558, 119 круга
3.Роман Грожан (Хас) 1:19.159, 65 круга
4.Макс Ферстапен (Ред бул) 1:19.426, 128 круга
5.Кими Раиконен (Алфа Ромео) 1:19.462, 114 круга
6.Данил Квјат (Торо росо) 1:19.635, 77 круга
7.Серхио Перез (Рејсинг поинт) 1:19.944, 30 круга
8.Валтери Ботас (Мерцедес) 1:20.127, 69 круга
9.Луис Хамилтон (Мерцедес) 1:20.135, 81 круг
10.Нико Хилкенберг (Рено) 1:20.980, 65 круга
11.Даниел Рикардо (Рено) 1:20.983, 44 круга