Пеп Гвардиола вели дека уште ја има вербата во победа која му ја всадил легендарниот Јохан Кројф, најважниот човек во неговата кариера, и дека таа му помага со Манчестер сити да стигнат до три трофеи од неговото доаѓање во 2016 година.
Во недела, Гвардиола ќе може да дојде до четвртиот трофеј во ЕФЛ купот (Лига-купот) против Челси, а во игра е уште за три – Сити се во четврт-финалето на ФА купот, победија со 3:2 против Шалке во Германија во првиот меч од осминафиналето од Лигата на шампионите, а исто така се лидери во Премиер лигата (иако со натпревар повеќе).
„Научив премногу од него. Не само тактички, туку и во приодот кон фудбалот. Не само, јас туку и Барселона. Тој помогна да се врати победничкиот менталитет во Барселона со едноставна психологија: ’Верувајте дека сте добри и ќе бидете добри’. Тоа е најдобриот начин. Не можеш да победиш ако не веруваш самиот во себе“, вели Гвардиола.
Тој посочува дека и во Барселона се негува духот на холандската фудбалска легенда.
„Во фудбалската академија на Барселона те учат дека не е добро да губиш. Тоа го има на секоја тренинг-сесија, на секој пријателски натпревар и на секој официјален натпревар. Но, пред 10-20 години не беше така. Тимот беше силен, но не победуваше. Тогаш дојде еден Холанѓанец, кој не потсети што значи да се победува повторно и повторно. Никогаш не ја губи гладта за победа“, објаснува Гвардиола.