Top Sport

Ласло Ѓере, момчето што ги загуби двата родители од рак, со деби титула

Српскиот тенисер со трагична семејна приказна, Ласло Ѓере стигна до својата прва титула во кариерата, откако во изненадувачкото финале на АТП 500 турнирот во Рио де Жанеиро со 6:3/7:5 го победи канадскиот тинејџер Феликс Оже-Алијасим.

23-годишниот Ѓере, чиј најдобар пласман досега беше полуфинале на Унгарија опен во 2017 година и во кариерата го нема минато второто коло на гренд слем турнир, го направи најголемото изненадување на турнирот, победувајќи го првиот носител Доминик Тим, по што ги победи и Таро Даниел, Каспер Руд и Аљаж Бедене на патот до првото АТП финале.

Против себе, тој имаше уште поголемо изненадување, 18-годишниот Оже-Алијасим, кој го одигра турнирот на кариерата победувајќи го Фабио Фоњини на патот до финалето.

Победата за Ѓере е уште поимпресивна, бидејќи беше очигледно дека на стартот на вториот сет тој се мачеше со повреда на препоните. Пред финалето, српскиот тенисер зборуваше за тоа како победата сака да ја посвети на своите родители, откако и мајка му и татко му починаа од рак.

„Тука сум на 23 години без двајцата родители. Сакам само да ги направам да се чувствуваат горди“, изјави Ѓере.

Scroll to Top