Top Sport

„Лошото момче“ Кирјос го „уништи“ Зверев за трофејот од Акапулко

Ник Кирјос ја круниса фантастичната и контроверзна тениска недела во Акапулко со својата петта титула во кариерата, откако го „здроби“ Александер Зверев со 6:3/6:4 во финалето на Мексиканскиот опен.

Зверев, како прв носител, не загуби ниту еден сет на патот на финалето, но против Кирјос немаше шанси, откако Австралиецот за шест дена ги победи Рафаел Надал, Стен Вавринка и Џон Изнер за финалето. Мечот доаѓа и четири дена откако Кирјос го победи Надал и беше исвиркан од публиката, а Шпанецот го обвини за непочитување на противниците и на спортот.

Кирјос направи брејк во четвртиот гем од првиот сет, а потоа уште еднаш во петтиот гем во вториот сет за импресивна победа.

„Чувството е неверојатно и навистина не очекував да освојам титула тука. Знаев дека сум аутсајдер и дека тој има малку слабости, така што морав да играм на ниво. Навистина сум пресреќен“, вели 23-годишниот Кирјос, кој сега се враќа во топ 40 на АТП листата.

Во женското финале, 24-годишната кинеска тенисерка Јафан Ванг со 2:6/6:3/7:5 ја победи Софија Кенин за својата прва ВТА титула. Со победата, Јафан ќе влезе во топ 50 на ВТА листата првпат во кариерата.

Фото: ЕПА

Scroll to Top