Top Sport

Дали Шарл Леклер е следната голема Ф1 ѕвезда?

Речиси совршената трка на Шарл Леклер на неделната трка во Бахреин, која заврши со солзи за возачот од Монако откако неговото Ферари остана без моќ, го промовираше 21-годишниот поранешен возач на Заубер како најновата Ф1 ѕвезда, односно човек од кого се очекува да освојува титули.

Леклер беше најбрз речиси во сите сесии на патеката Сакир, ја освои пол-позицијата со удобна предност, и беше на пат до лесна победа кога на 10 круга пред крајот се појавија проблеми со моторот. Луис Хамилтон во Мерцедес ја наследи победата, но петкратниот шампион и неговиот шеф Тото Волф беа импресионирани од тоа што го видоа од Леклер.

„Мислам дека видовме млад возач кој наскоро ќе биде шампион и кој беше емотивен победник во Бахреин. Најбрзиот човек и најбрзата машина“, изјави вчера Волф.

Леклер го замени светскиот шампион од 2007 година, ветеранот Кими Раиконен на крајот на минатата сезона во неочекуван потег за Ферари, тим кој обично повеќе смета на искусни возачи отколку на таленти. Најмладиот возач на Ферари од 1961 година, покажа дека може да се носи со очекувањата и со притисокот.

Кумчето на поранешниот талент на Ферари, Жил Бјанки, Леклер го загуби таткото во 2017 година, пред Формула 2 трката во Баку, но тој остана смирен и победи од пол-позицијата.

„Многу импресивно. Знам многу возачи кои го имаат лавот во себе и кои ќе реагираа поконтроверзно на тоа трето место. Но, Шарл не е таков“, вели Волф.

Леклер, кој инаку е на иста возраст со уште еден талент, Макс Ферстапен во Ред бул, засега останува скромен.

„Во основа сум задоволен од викендот. Секогаш сакам да се фокусирам на негативните работи, така што има работи на кои можам да работам за да бидам подобар во иднина“, изјави скромно Леклер.

Трагедија за Леклер и Ферари во Бахреин – Мерцедес до „подарена“ 1-2 победа!

Scroll to Top