Првиот човек на УЕФА Александар Чеферин се огласи по повод критиките финалето во Лига Европа да се одигра во Баку, Азербејџан.
Цела Европа е незадоволна, најмногу навивачите на Арсенал и Челси, што завршниот меч во Лига Европа ќе се игра во Баку, град што е речиси 6.000 километри оддалечен од Лондон. Незадоволни се и спонзорите на УЕФА, а Хенрик Михитаријан од политички причини нема да биде во составот на Арсенал.
„Зошто Баку? Бидејќи и таму живеат луѓе. Тие го сакаат фудбалот. Мораме секаде да го развиваме фудбалот, а не само во Англија и Германија. Мислите дека поради тоа навивачите во Баку не заслужуваат да гледаат фудбал“, рекол Чеферин.
Арсенал и Челси добија по 6.000 влезници за финалето, кои не успеаја да ги продадат, а информациите велат дека една третина од билетите Арсенал ги вратиле во УЕФА.
„Знам дека клубовите вратиле билети бидејќи не можеле да ги продадат. Знам и дека авионските компании ги зголемиле цените. Некој нив ги прашал околу тоа? Не е за се виновна УЕФА. Тоа е популизам. Зошто не е понуден конструктивен предлог, зошто не е формиран некаков фонд, со кој секој клуб ќе им помогнеше на навивачите да патуваат на финалето“, рекол Чеферин и дополнил.
„Секако дека Баку е далеку од Лондон. Но кога го одредивме домаќинот не можевме да знаеме дека двете екипи ќе бидат од Англија“.
Арсенал вратиле една третина од влезниците за финалето во Баку