Италијанскиот весник „Кориере дело спорт“ по анализата на финансиите на Милан оценува дека до 30 јуни клубот ќе има загубено 100 милиони евра во 2019 и неверојатни 413 милиони во последните пет години.
Ова доаѓа во моменти кога „росонерите“ ја чекаат одлуката на жалбата за прекршувањето на Финансискиот ферплеј (ФФП) на УЕФА, и според „Кориере“ ситуацијата во клубот е „екстремно нестабилна“. Милан има трет сопственик во последните три години, откако прво Силвио Берлускони го продаде клубот на Кинезот Јонгхонг Ли, кој потоа не ги плаќаше своите долгови и клубот отиде кај хеџ-фондот „Елиот Менаџмент“.
Неуспехот да се квалификуваат за Лигата на шампионите, постави уште поголем притисок на газдите и според „Кориере“, долгот стигнал 100 милиони евра за 2018/19, и клубот мора да продаде фудбалери во вредност од 30 милиони евра до крајот на месецот. Загубата на Милан раснела од 91 милиони евра во 2014 и 126 милиони евра за 2018.