Во неверојатен меч на силен дожд во Белград, Србија успеа да ја победи Хрватска со 12:11 со гол од пенал на Филип Филиповиќ на 17 секунди пред крајот за да стане шампион од Светската лига и да обезбеди пласман на Олимписките игри во Токио следната година.
Дуелот на двете поранешни југословенски републики секогаш претставува нешто посебно за љубителите на ватерполото, но овојпат мечот беше навистина посебен, откако во текот на второто полувреме имаше неверојатно силен дожд на отворениот базен во „Ташмајдан“, а и резултатот беше постојано израмнет.
Хрватска имаше подобар старт на мечот и водеше со 2:0 и 4:1, пред Србите да направат целосен пресврт и да поведат со 6:4, пред на полувреме да се отиде со 6:5. Во второто полувреме двете репрезентации играа гол-за-гол, а тогаш почна силниот дожд, кој не успеа да го расипе расположението на десетилјадната публика.
Во финишот, Филип Филиповиќ донесе водство од 11:10 за Србите на две минути пред крајот, но Анте Вукчевиќ израмни на 45 секунди пред крајот. Филиповиќ повторно беше човек на одлука, откако беше сигурен при изведувањето на пеналот за голема победа.
Австралија го освои третото место во Светската лига, откако со 11:10 ја совлада Шпанија.
What a match!
Serbia wins the Men’s Water Polo World League #Superfinal!??12 – 11 ?? pic.twitter.com/02CgH4Enlo
— FINA (@fina1908) June 23, 2019