Поранешниот тренер на Барселона, Луис ван Гал влезе во зачудувачки напад на Лионел Меси, тврдејќи дека Аргентинецот е виновен што Барса нема освоено титула од ЛШ одамна и дека наместо тој да се адаптира на тимот, го приморува тимот да се адаптира на него.
Според Холанѓанецот, Меси добива преголема слобода на „Ноу Камп“ и низата менаџери се прилагодува да му услужи на Аргентинецот. Ова според него е главната причина што Барселона нема титула од ЛШ од 2015 година.
„Според мене нема ништо поважно од тимски играч. Барселона страда од тоа. Мислам дека Меси треба да се запраша како е можно толку долго да нема титула од Лигата на шампионите. Колку титули имаат со тој за кој сите велат дека е најдобриот во историјата на фудбалот? Видете го Нејмар во ПСЖ. Колку титули од ЛШ има тој? Можеби е најдобриот индивидуален фудбалер на светот бидејќи статистиката е безмилосна. Но, каде е титулата од ЛШ? Кога си капитен мораш да се запрашаш зошто е така. Според мене, вината е кај него. Кога имаш тим од 30 фудбалери не велиш дека сите треба да се адаптираат на него“, вели Ван Гал во интервју за шпанскиот весник „Ел паис“.
Ван Гал освои две титули од Ла лига со Барса во 1997 година, по што се врати во 2002 година, кога беше отпуштен по половина сезона откако тимот се најде на 12. место. Тој беше во директен конфликт со Ривалдо, обвинувајќи го Бразилецот дека мисли само на себе, а не на клубот. 67-годишниот Ван Гал очигледно го мисли истото и за Меси.
„Пеп Гвардиола го натера Меси да игра за тимот, но последните неколку тренери премногу се адаптираа за Меси, наместо да играат тимски. Меси се прилагоди на планот на Гвардиола, а не обратно“, додава Ван Гал.