Александар Трајковски се наоѓа пред трансфер во еден од најпопуларните португалски клубови, Спортинг од Лисабон, каде за соиграч ќе го има колегата од репрезентацијата на Македонија, Стефан Ристовски.
Според италијанските медиуми кои ја презедоа информацијата што ја објави новинарот Алфредо Педула, Португалците веќе ги започнале преговорите и не ја исклучуваат можноста трансферот да биде завршен во текот на денот.
Спортинг сметале дека Трајковски може да биде вистински наследник на Бруно Фернандеш кој се наоѓа пред трансфер во Манчестер Јунајтед.
Инаку, Трајковски е играч на Палермо, но како и сите останати играчи се подготвува да ја напушти Сицилија откако клубот по административен пат е вратен во четвртиот ранг на италијанскиот фудбал, Серија Д.
Минатата недела медиумите во Италија го поврзуваа Трајковски со Салернитана, клуб кој во новата сезона ќе го предводи поранешниот италијански селектор Џанпјеро Вентура.