Најдобриот светски тенисер Новак Ѓоковиќ истакнал дека е благодарен што имал можност да се бори со Роџер Федерер, во финалето на Вимблдон. Ѓоковиќ лани имаше проблеми со повредата на лактот, падна на 21 место на АТП листата, а неговиот кам-бек започна токму на Вимблдон. Србинот освои четири од последните пет гренд-слем турнир.
Во неделата, во спектакуларно финале, Ѓоковиќ ја одбрани титулата на терените на Вилблдон и стигна до својот 16 гренд-слем трофеј.
Најдобриот во светот и Федерер го одиграа најдолгиот финален меч во историјата на Вимблдон. Ѓоковиќ, во петтиот сет, спаси две меч топки во 16 гем, а потоа во супер тај-брејкот го реше мечот.
„Меч за век и векови. Меч што ќе го паметам цел живот и кој ќе им го раскажувам на моите деца. Вечна благодарност што бев дел од овој спектакл. Се имаше во овој меч. Огромна почит за Федерер на големата борба. Тениското патување во изминатите 12 месеци беше навистина фасцинантно. Враќањето по повредата, желбата да се достигне нивото на тенисот што би ми дозволило да се натпреварувам за најголемите трофеи во тенисот. Вербата во себе, посветеноста и големата поддршка од моите најблиски ми дозволија денес да бидам тука. Благословен сум и свесен сум дека тоа е така“, порачал Ѓоковиќ преку социјалните мрежи.
„Беше задоволство да се пишува историјата на древните терени на Вимблдон и да се дели теренот со легендата на нашиот спорт. Ќе продолжам да сонувам да бидам дел од вака незаборавни моменти и во иднина. И…тревата никогаш не била толку вкусна“.