Двократниот шампион во Формула 1, Фернандо Алонсо, изјави дека донел „правилна одлука“ да го напушти Алпин и да се приклучи на Астон Мартин следната година.
„Чувствував дека е вистинската одлука да се преселам во Астон Мартин бидејќи тие навистина ме сакаат и го ценат мојот перформанс во изминатите две години“, изјави 41. годишниот Шпанец.
Алонсо се повлече од Формула 1 во 2018 година, три години подоцна тој се врати на патеката како возач на Алпин. Од почетокот на оваа сезона има освоено 41 поен и се наоѓа на 10. место во поредокот меѓу возачите.
Шпанецот, кој освои титули со Рено во 2005 и 2006 година, додаде дека „не се согласувал за суштинските работи“ со Алпин.
На почетокот на овој месец Алонсо и Астон Мартин најавија соработка, откако Себастијан Фетел објави дека ќе се пензионира по завршувањето на сезоната.
Шампионатот во Формула 1 продолжува оваа недела на патеката Спа Франкоршамп, трката за Големата награда на Белгија се вози во недела од 15:00 часот.