Top Sport

Алонсо: Не ми е јасно зошто Фетел мисли дека не го сакам

Фернандо Алонсо вели дека не е вистина дека не му се допаѓа Себастијан Фетел по шпекулациите дека двократниот Ф1 шампион ќе се врати во спортот.

За време на Унгарското ГП, Фетел беше запрашан за можното враќање на Алонсо, и тој призна дека имал чувство дека човекот кого го замени како возач на Ферари не го гледа со симпатии.

„Мислам дека никогаш не сум му се допаѓал“, изјави Фетел.

Но, Шпанецот, при онлајн-чет со неговите фанови го демантира тоа.

„Го слушнав тоа, но не е вистина. Жал ми е што тој мисли така. Секогаш сме се почитувале и сме имале пријатен однос. Можеби печатот сакаше да направи таква ситуација кога бевме ривали за титулата, но сосема е спротивно“, пишува Алонсо.

Тој одговори и на шпекулациите дека тимовите не сакаат да го вратат во Ф1 поради неговиот карактер.

„Секогаш сум добивал спротивни пораки од луѓето со кои работев, но можеби не сум се ’продавал’ добро. Секогаш сум давал максимум за секој тим за кој возев, секој круг, секој ден. Најдобар доказ е тоа што возев во Рено и се вратив таму, а потоа возев и во Мекларен и се вратив таму. Немаше да ме толерираат да бев таков каков што велат медиумите“, додава Алонсо.

Scroll to Top