Top Sport

Надал со рекордна победа закажа дуел со Фоњини во Монтреал

Рафаел Надал направи уште еден чекор кон одбраната на титулата од Роџерс купот во Монтреал, откако со 6:3/6:4 го декласираше Аргентинецот Гвидо Пелја и закажа дуел во четврт-финалето со својот стар познаник Фабио Фоњини.

Ова беше 379. победа на Надал на АТП Мастерс 1000 турнирите, со што го помина рекордот на Роџер Федерер. Надал веќе е сопственик на рекордни 34 Мастерс 1000 титули.

„Беше тешко да се игра на ветерот, но веќе сме навикнати и на вакви услови при отворен тенис. Во исто време, прекрасно е да се игра под тешки услови, бидејќи тој кој има повеќе опции во играта го добива мечот“, вели Надал.

32-годишниот Фоњини со 6:2/7:5 го победи Французинот Адриен Манарино и го закажа 16-тиот меѓусебен меч со Надал, во кои досега има пет победи.

Вториот носител, Доминик Тим ќе игра со Данил Медведев по 7:6(7)/6:4 победата над Марин Чилиќ, додека Германецот Александер Зверев, шампионот од 2017 година, со 7:5/5:7/7:6(5) се намачи со канадскиот тинејџер Феликс Оже-Алијасим за дуел со Русинот Карен Хачанов. Во преостанатото четврт-финале, Гаел Монфис игра со Роберто Баутиста Агут.

Scroll to Top