Ф1 тимот Астон Мартин и јапонскиот производител на авотмобили, Хонда, ќе започнат соработка од 2026 година. Хонда ќе го снабдува со мотори Астон Мартин, кога ќе стапат на сила новите прописи во шампионатот во Формула 1. Јапонската компанија наведува дека една од главните причини за соработката со Астон Мартин е тоа што Формула 1 се движи кон јаглеродна неутралност.
Хонда официјално ја напушти Формула 1 во 2021 година, но има договорот за техничка соработка за развој на мотори со Ред Бул и Алфа Таури до 2025 година.
Ред Бул ќе соработува со американскиот производител Форд од 2026 година.
Од таа сезона, моторите, кои се хибридни од 2014 година, ќе доживеат значително зголемување на употребата на електрична енергија и ќе користат 100 проценти одржливо гориво.
Покрај Хонда и Форд, во Формула 1 од 2026 година ќе влезе и германскиот гигант Ауди кој ќе соработува со тимот на Заубер (моментално познат како Алфа Ромео).
Ферари, Мерцедес и Рено, моментално три од четирите производители на мотори присутни во шампионатот, ќе се натпреваруваат и во 2026 година.
За Астон Мартин оваа сезона возат Шпанецот Фернандо Алонсо и Канаѓанецот Ленс Строл.
Астон Мартин, кој по пет трки е на второто место во конструкторскиот шампионат зад доминантниот Ред Бул, моментално работи со Мерцедес.