Top Sport

Биното: Ферари можеби згреши со дизајнот на СФ90 болидот!

Откако ривалите од Мерцедес стигнаа до петтата 1-2 победа во пет трки во 2019 година, шефот на Ферари, Матија Биното признава дека целиот концепт на дизајнот на СФ90 болидот можеби е погрешен!

Апсолутната доминација на Мерцедес доаѓа откако на зимското тестирање Ферари имаше најбрз болид, а иако во Бахреин и Баку имаа најголема брзина исто така, „сребрената стрела“ се покажа како болид кој подобро се прилагодува на сите патеки. Биното, сега, признава дека можеби е потребна голема промена.

„Од наша страна мислам дека можеме да работиме напорно и сезоната е уште жива. Ние нема да се предадеме и тоа е нашиот приод. Секако, разочарани сме од трката во Барселона, бидејќи целта беше многу повеќе поради подобрувањата на аеродинамиката и на моторот. Подобрувањата работеа добро, моќни сме на рамните делови, но слабостите се покажаа овој викенд. Губиме време на секоја кривина, и не се работи за потисната сила, туку за нешто повеќе и тоа треба да се анализира. Уште го немаме одговорот“, вели Биното.

Италијанскиот печат беше традиционално „суров“.

„Ферари стануваат полоши!“, стоеше на насловната на „Кориере дело спорт“, каде што анализираат вака: „Кој е проблемот кај Ферари? Да имаше само еден проблем, тој ќе беше што има многу проблеми. Веќе можеме да кажеме чао и се гледаме во 2020“.

„Ла газета дело спорт“ исто така беа реални: „Сезоната на Ферари може да се преслика со трката на Фетел. Безнадежна“.

Scroll to Top