Top Sport

Чудо во Австрија! Маркез за 0.002 секунди до пол-позицијата пред Довициозо

Светскиот шампион и лидер во генерален пласман во Мото ГП шампионатот, Марк Маркез стигна до пол-позицијата на Австриското ГП, победувајќи го Андреа Довициозо во Дукати за само 0.002 секунди, додека Валентино Роси ќе стартува од далечното 14. место.

На патеката „Ред бул ринг“ во Шпилберг, каде што максималната брзина и забрзувањето се клучни, а тие се адут на Дукати, Маркез направи вистински подвиг со пол-позицијата со својата Хонда.

Хорхе Лоренцо во второто Дукати ќе стартува од третото место со 0.135 секунди послабо време, а третото Дукати ГП18 на Данило Петручи го освои четвртото место. Кал Крачлоу (ЛЦР Хонда) беше најдобар од „останатите“, со шест десетинки послабо време од Маркез, а Жоан Зарко беше најбрз за Јамаха со својата две години стара Тех 3 машина на шестото место, пред Тито Рабат во уште едно Дукати, овојпат на тимот на Авинтија.

Двојката на Сузуки, Андреа Јаноне и Алекс Ринс беа на осмото, односно 10. место, а меѓу нив беше Дани Педроза во Хонда. Маверик Вињалес заврши на 11. место, а неговиот колега Валентино Роси не ги мина ниту првите квалификации.

Scroll to Top