Возачите во Формула 1 не смеат да ја користат платформата која ја добиваат од Светската автомобилистичка федерација (ФИА) за да даваат изјави за свои „лични агенди“, предупредува претседателот Мохамед Бен Сулајем. Од следната сезона поради обновување на интернационалниот спортски код, возачите ќе треба да добијат писмено одобрение од ФИА за „политички, религиозни или лични изјави“.
„Сите сме загрижени со тоа да градиме мостови. Можете да го користите спортот за мировни причини. Но, не сакаме овој спорт да биде платформа за лични политички агенди. Така спортот ќе загуби. Што прави возачот најдобро? Вози! Тие се добри во тоа и мора да го завршат бизнисот, да направат шоу, да бидат ѕвезди. Никој не ги сопира. Има други платформи за изразување на нивното мислење“, вели Бен Сулајем.
Ова доаѓа откако поранешните шампиони Луис Хамилтон и Себастијан Фетел во последните неколку сезони даваа вакви изјави. Хамилтон посебно беше загрижен за човековите права и расната еднаквост и во исто време зборуваше за ЛГБТ правата во земји како Саудиска Арабија. И Фетел го правеше истото, а покрај тоа беше фокусиран на климатските промени.
Бен Сулајем вели дека ова не е замолчување на возачите.
„Јас како и секој друг човек имам лични мислења и ставови, но тоа не значи дека ќе ја користам ФИА да го напрвам тоа. ФИА треба да е неутрална“, додава Бен Сулајем, поранешен рели возач од Обединетите Арапски Емирати.