Ферари првпат потврдија дека преговарале со Луис Хамилтон за шесткратниот Ф1 шампион да се приклучи на славниот италијански тим од 2021 година.
Договорот на Британецот од 40 милиони фунти годишно со Мерцедес завршува на крајот на следната сезона, и при финишот на овогодишната сезона се зголемија шпекулациите дека Хамилтон е подготвен за трансфер и се тврдеше дека тој двапати се сретнал со претседателот на Ферари, Џон Елкан.
Извршниот директор на Ферари, Луис Камилери призна дека имало првични контакти за еден од најголемите трансфери во историјата на Ф1.
„Веќе стана јавно дека Луис разговараше со нашиот претседател. Поласкани сме што возач како Луис би сакал да вози за нас. Тоа докажува дека секој Ф1 возач би сакал да вози Ферари. Имаме долгороче договор со еден од нашите возачи (Шарл Леклер), а со другиот возач (Себастијан Фетел) договорот завршува на крајот на 2020. Сега е прерано да носиме одлуки, а кога ќе дојде време ќе ја направиме најдобрата одлука за тимот“, вели Камилери.
Хамилтон, кој следниот месец полни 35 години, најави дека иднината во Ф1 зависи од тоа дали шефот на Мерцедес, Тото Волф ќе остане на позицијата, бидејќи Австриецот е главен кандидат за првото место во Ф1.