Како дел од прославата на првото појавувае на амблемот во автомобилистичка трка на Спа-Франкоршамп на 9 јули 1932 година, двата болиди на Ферари на Австриското ГП ќе возат со оригиналното лого.
Иако препознатливото лого на Ферари не претрпе драматични промени во текот на годините, има мали детали помеѓу модерната верзија и таа која се појави во 1932 година – коњчето е помалку стилизирано, додека буквите С и Ф (за Scuderia Ferrari) се подалечни.
„Коњчето“ на Ферари беше амблем на италијанскиот воен херој од Првата светска војна, Франческо Барака, чие семејство му посочи на Енцо Ферари дека логото ќе му донесе среќа.
„Кога победив на патеката Савио во Равена во 1923 година, се сретнав со грофот Енрико Барака и грофицата Паолина, родителите на летечкиот херој. Грофицат ми кажа: ‘Ферари, зошто не го ставиш коњчето на мојот син на твоите автомобили? Тоа ќе ти донесе добра среќа’. Коњчето беше и секогаш ќе биде црно, јас ја додадов жолтата позадина, боите на градот Модена“, објаснуваше Енцо Ферари во својата автобиографијa.