Top Sport

Фетел: Не би кажал дека Леклер ми е најсилниот колега

Себастијан Фетел смета дека не поминало доволно време за да дознае дали Шарл Леклер е неговиот најсилен тимски колега во неговата кариера. Момчето од Монако оваа сезона му создаде многу проблеми на четирикратниот светски шампион, и има повеќе победи, подиуми, пол-позиции и поени од Германецот.

Ако Фетел заврши со помалку поени од 21-годишниот Леклер, тоа ќе биде првпат да загуби битка со колегата од 2014, кога Даниел Рикардо го победи како колега во Ред бул. Сепак, тој уште нема доволно „податоци“ за проценка.

„Не е фер да споредуваме бидејќи сме многу кратко заедно. Секако, тој е млад и многу брз и во тоа не се сомнева никој. На крајот не може да се споредува бидејќи би требало да ги поставиме и Марк Вебер, Кими Раиконен, Даниел Рикардо, Витантонио Лиуци и Себастиен Бурде во ист болид па да ’мериме’. Затоа не е фер. Ова е само негова втора сезона во Ф1 и тоа е многу различно од Кими и Марк, кои поминаа многу време во Ф1 и имаа многу повеќе искуство“, вели Фетел.

Тој и Леклер неколку пати се „судрија“ оваа сезона со игнорирање на тимски наредби и пред Јапонското ГП Луис Хамилтон изјави дека сега е јасно дека Фетел не е возач број 1 во тимот, но Германецот вели дека не му пречи ситуацијата.

„Добро е што тој е добар репер за мене. Кажав дека во моментите кога се мачам да го извлечам максимумот од себеси, одлично е да имаш брз колега. И за тимот е добро да имаме борба“, додава Фетел.

Scroll to Top