Top Sport

ФИА немала докази против Ферари, во Италија велат: Ова е војна против Скудерија!

По официјалната жалба на седумте Формула 1 тима за спогодбата која Светската автобилистичка федерација (ФИА) ја постигна со Ферари за наводните прекршувања на правилата на нивниот мотор за 2018, ФИА одговори дека не можела да најде докази, но италијанскиот печат смета дека ова е „отворена војна“ против италијанскиот тим и претседателот на ФИА, Жан Тод.

Минатата недела, ФИА со соопштение потврди дека се договориле со Ферари, но не се даде објаснување дали италијанскиот тим ги прекршил правилата со протокот на гориво во нивниот мотор. Сега, федерацијата даде дообјаснување.

„ФИА изврши детална техничка анализа на моторот на Скудерија Ферари, како што може да направи за секој натпреварувач во Формула 1 шампионатот. Истрагите во текот на 2019 донесоа сомнежи дека моторот не оперира во рамките на ФИА регулативите, но од Ферари постојано инсистираа дека тоа не е така. ФИА не беше целосно задоволна, но одлучи дека понатамошна постапка нема да резултира во сигурен случај поради комплексноста на материјалот и неможноста да се најде доказ. За да се избегнат негативните последици, ФИА реши да склучи договор за прекин на истрагата. Се работи за легална алатка која се користи во многу спортски федерации. Доверливоста на договорот исто така е според правилата“, се вели во соопштението на ФИА.

Ред бул и Мерцедес посебно беа лути на одлуката на ФИА, а советникот на Ред бул, Хелмут Марко најави дека тие можат да тужат за 24 милиони долари, колку што би добиле со второ место во шампионатот.

За италијанските медиуми ситуацијата е јасна – отворена војна против Ферари.

„Ферари и ФИА се под опсада. Во 11 часот се објави војна, на десет дена пред првата трка во Мелбурн. Кампањата на Тото Волф донесе стоотстотна поддршка, а се работи за политичка моќ и за пари. Целта не е само во Маранело, туку и во ФИА, кај Жан Тод“, вели Даниеле Спарисичи од „Кориере дела сера“.

Луиџи Перна од „Ла газета дело спорт“ се согласува: „Сега е војна! Војна, политика, моќ, пари“, додека Алесандра Рентико од „Ла република“ вели дека вината е во ФИА: „Целата афера покажа колку е ранлива ФИА, и колку не сака да ги разобличи сите трикови на инженерите“.

Според познатиот инсајдер на Ферари, Лео Турини, има „шпиун“ во целата афера.

„Пристигна еден шпиун, кој ги знае сите технички тајни на Маранело и им го кажа трикот на ривалите. ФИА не успеа да докаже намера кај ’коњчето’, но ги смени правилата. Затоа е пилогот е таков чуден“, вели Турини.

Тимовите вложија жалба на договорот помеѓу ФИА и Ферари

Scroll to Top