Смртта на Формула 2 возачот, Антоан Убер на минатогодишното Белгиско ГП во Спа не се случило поради една одредена причина и ниту еден возач не е виновен, вели извештајот на ФИА.
22-годишниот Убер загина кога прво се судри, а потоа неговиот болид беше удрен од Еквадорецот Хуан Мануел Кореа на брзата Радијон кривина на славната патека. Според ФИА, низа на случки предизвикале верижен судир на четири возачи. Кореа доби сериозни повреди на нозете и по неколку операции го чека тешко и долго опоравување.
Според ФИА, нема одредена причина за судирот, нема докази дека ниту еден возач реагирал непрописно, а исто така реакцијата на стјуардите на патеката се сметаат како „навремени“. ФИА објави дека инцидентот траел 14.6 секунди и почнал кога Џулијано Алези, синот на поранешниот Ф1 возач Жан, се изврти во бариерите на излезот на О Руж кривината, според ФИА поради губење на притисок во задната десна гума. По ова, Ралф Бошунг и Убер мораа да го избегнат, и Швајцарецот закочил посилно и Убер удрил во неговиот болид, по што со 262 км/ч удрил во бариерата и по извртувањето со брзина од 216 км/ч се вратил на патеката. Кореа налетал на деловите на болидот и го удрил болидот на Убер со 218 км/ч, праќајќи го болидот на Французинот повторно во бариера со 105.4 км/л.
Убер е првиот возач кој загинал на тркачки викенд по бразилскиот трикратен светски шампион, Аиртон Сена и Австриецот Роланд Раценбергер, кои загинаа во Имола во 1994 година. Французинот Жил Бјанки доби сериозна повреда на главата на Јапонското ГП во октомври 2014, по што почина во јули 2015 година.