Луис Хамилтон стигна до „совршена“ победа на Сингапур ГП, зголемувајќи го водството во генерален пласман на 40 поени на шест трки пред крајот, пред Себастијан Фетел, кој откако беше поминат од Макс Ферстапен мораше да се задоволи со третото место.
Валтери Ботас го издржа притисокот на Кими Раиконен за да го освои четвртото место, додека во поени беа и Даниел Рикјардо (Ред бул), Фернандо Алонсо (Мекларен), Карлос Саинс Јуниор (Рено), Шарл Леклер (Заубер) и Нико Хилкенберг (Рено).
Патеката Марина Беј беше позната по тоа што последните години им заддаваше многу главоболки во Мерцедес, меѓутоа, Хамилтон освен што ја освои пол-позицијата, покажа дека „Сребрената стрела“ е подготвена за нова светска титула и покрај тоа што во последните трки јасно се гледаше дека Ферари има посилен болид. Ова е седма победа на Британецот оваа сезона, и сега ќе биде „пеколно“ тешко за Ферари да направат „потера“ за титулата.
Хамилтон имаше сигурен старт од пол-позицијата, додека Фетел се обиде да го помине Ферстапен на второто место, нешто што му успеа пред да заврши кругот. Зад нив имаше хаос.
Возачите на Форс Индија, Серхио Перез и Естебан Окон потсетија на времето кога тимот ги предупредуваше за некоректно возење, и по нивниот судир трката заврши за Окон, а безбедносното возило мораше да излезе на патеката.
Фетел се обиде да го искористи ре-стартот да го помине Хамилтон, но Британецот не дозволи вакво нешто и полека почна да се одвојува од асот на Ферари. Во италијанскиот тим се обидоа да го искористат влегувањето во бокс за да го поминат Хамилтон, но наместо тоа, кога Ферстапен влезе во боксот, тој успеа да излезе пред Фетел, оставајќи го Германецот на третото место до крајот на трката.
Фото: ЕПА