Top Sport

Хамилтон и Фетел би сакале да се колеги, но тоа не е „изводливо“

Пред „дијамантот“ на Ф1 календарот, трката во Монако, двајцата најтрофејни активни возачи, Себастијан Фетел и Луис Хамилтон необично прозборуваа за можно партнерство во Ферари.

Фетел вели дека би го пречекал со отворени раце својот ривал за титулата, откако Хамилтон уште не го продолжил договорот (кој му завршува на крајот на годината) со Мерцедес. Фетел има договор со Ферари до 2020 година, но неговиот колега Кими Раиконен ќе биде слободен возач во 2019 година.

„Не знам, тој не ме прашал, но не би ми пречело. Да бидам искрен, пресреќен сум од партнерството што го имам со Кими, но никогаш не знаеш што ќе се случи. Сигурен сум дека Луис сака да продолжи со Мерцедес. Друго би било големо изненадување, но никогаш не се знае. Можеби еден ден ќе одиме двајцата во ист тим бидејќи веќе сме стари“, вели Фетел.

Партнерство Фетел-Хамилтон во Ферари би наликувало на славните денови на Ф1 на крајот на 1980-тите, кога Аиртон Сена и Алан Прост имаа луто ривалство во Мекларен. Хамилтон вели дека возач како Фетел само би го мотивирал да оди подалеку.

„Подготвен сум да се тркам со секого. Сега сум против него во прилично конкурентен болид и тоа е возбудливо. Во историјата кога има двајца силни возачи тешко се прави рамнотежа, но тој работи добро со Кими. Во кариерата сум возел против најдобрите, како Фернандо Алонсо и Џенсон Батон и тоа ти дава екстра мотивација. Валтери е фантастичен ривал и затоа имам мотивација. Не очекувам да бидеме колеги, освен ако не возиме на Ле Ман еден ден“, додава Хамилтон.

Фото: ЕПА

Scroll to Top