Седумкратниот светски шампион, Луис Хамилтон признава дека не му е пријатно што овој викенд ќе се натпреварува на Саудиското ГП на новата патека Џеда и додава дека Формула 1 шампионатот е обврзан да го крене гласот против ограничувањата на човековите права во државата.
Богатата Саудиска Арабија ќе ја има својата прва Ф1 трка овој викенд на блескавата патека во Џеда, и покрај тоа што Ф1 беше под притисок за договорот поради кршењето на човековите права во оваа земја, а Хамилтон, кој честопати е гласен за прашањата за социјална правда и зборуваше за човековите права на трките во Бахреин и Катар оваа сезона, признава дека не му е сеедно.
„Чувствувам дека спортот е должен да ја крене свесноста за одредени проблеми, посебно човековите права во овие земји каде што се тркаме. Со огромна почит кон сите кои се тука, досега добив само топло добредојде, не можеме да не зборуваме за некои работи. Дали се чувствувам пријатно тука? Не би кажал дека е така, но тоа не е мој избор, туку на спортот. Дали е исправно или погрешно, тука сме и мораме да направиме нешто од можноста“, вели Хамилтон.
Тој потврди дека ќе носи кацига со боите на виножитото против законите за исполови врски во Саудиска Арабија, каде што хомосексуалците можат да добијат бичување и долги казни затвор.
„Ќе ја носам кацигата тука и на следната трка во Абу Даби, бидејќи тоа е проблем. Законите за ЛГБТ заедницата тука се навистина страшни и мора да се менуваат“, додава шампионот.