Top Sport

Маркез со доминација во Аргентина за прв триумф во новата сезона

Светскиот шампион Марк Маркез стигна до својата прва Мото ГП победа во 2019 година, откако доминираше на Аргентинското ГП правејќи разлика од речиси десет секунди пред стариот ривал, Валентино Роси во Јамаха.

Асот на Хонда имаше совршен старт од пол-позицијата да направи предност од една секунда пред Роси уште во првиот круг, по што беше апсолутно недопирлив и по само три круга „бегаше“ три секунди, а по 10 круга, цели седум секунди. Ова е трета победа за Шпанецот на патеката Термас де Рио Хондо.

Зад него, битката за второто место се одвиваше помеѓу Роси и Андреа Довициозо во Дукати, а борбата ја доби поискусниот Италијанец, откако во последиот круг успеа да го помине победникот од Катар ГП.

Четвртото место го освои Џек Милер (Прамак Дукати) откако го помина Алекс Ринс и вториот фабрички мотоцикл на Дукати на Данило Петручи. Маверик Вињалес во Јамаха беше на седмото место кога беше „собран“ од Франко Морбидели во Петронас Јамаха во седмата кривина од последниот круг. Со ова, Такаки Накагами беше седми пред Фабио Квартараро, Алекс Еспаргаро и Пол Еспаргаро.

Scroll to Top