Top Sport

Норис ги освои квалификациите за спринтот на Интерлагос

Возачот на Мекларен, Ландо Норис, ја освои пол-позицијата пред последната спринт трка од сезоната во Формула 1, која се вози за Големата награда на Бразил.

Британецот до првата стартна позиција во спринтот стигна со одличен круг на „Интерлагос“ за време од 1:10.622 минути, со 61 илјадитинки предност пред Макс Ферстапен во болидот на Ред Бул.

Норис и Ферстапен ги следеше вториот возач на австрискиот тим Серхио Перез, кој заостануваше помалку од една десетинка зад својот тимски колега.

Пред почетокот на акцијата во Сао Паоло, Норис најави дека очекува да може влезе во борбата за пол-позиција, а иако не успеа во квалификациите за главната трка, тоа го направи ден подоцна во квалификациите за спринт трката.

Во последниот дел од квалификациите, сите возачи го чекаа финишот за да излезат на патеката. Британецот релативно рано го постави својот брз круг и иако многумина се заканија, не успеаја да го поместат од првата позиција.

Најблиску до него на крајот беше Ферстапен, кој всушност беше единствениот кој имаше реални шанси да му се закани, а по него беше Перез, пред двоецот на Мерцедес Џорџ Расел и Луис Хамилтон.

Шести беше возачот на Алфа Таури, Јуки Цунода, кој беше одговорен за едно од најголемите изненадувања, бидејќи го остави зад себе вториот во квалификациите за главната трка Шарл Леклер во Ферари. Осмото место го зазеде тимскиот колега на Цунода, Даниел Рикиардо, додека првите десет ги комплетираше Карлос Саинц јуниор во вториот болид на Ферари и вториот возач на Мекларен, Оскар Пјастри.

Спринтот на „Интерлагос“ започнува во 19 часот и 30 минути, додека Големата награда на Бразил е закажана за в недела во 19 часот.

Scroll to Top