Top Sport

Оливеира „крал“ на дождот во Индонезија

Португалецот Мигуел Оливеира најдобро се снајде на влажната патека за да триумфира на Индонезиското ГП на патеката Мандалика, издржувајќи го последниот обид на Мото ГП шампионот, Фабио Квартараро за прва победа оваа сезона.

Подиумот го комплетираше уште еден Французин, Жоан Зарко, откако трката повеќе пати беше одложувана поради силниот дожд, а организаторите дури повикаа еден шаман да ја направи својата „магија“ и да го спречи дождот.

Првата трка во Индонезија од 1997 година започна со веста дека шесткратниот шампион, Марк Маркез нема да стартува по хорор-излетувањето на загревањето, во кој доби потрес на мозокот. Оливеира стартуваше од седмото место, но во средината на трката успеа да го помине лидерот Џек Милер и потоа да направи предност од над 7 секунди и до крајот на трката само шампионот Квартараро успеа да дојде блиску до него. Ова е четврта победа во Мото ГП за Оливеира.

Во генерален пласман, победникот од првата трка, Енеа Бастијанин останува лидер со 30 поени, Јужноафриканецот Брад Биндер е втор со 28 пред Квартараро со 27 и Оливеира со 25 поени.

Scroll to Top