Иако во јавноста, нивните шефови честопати се јавуваат со зајадливи коментари, односите помеѓу Луис Хамилтон и Макс Ферстапен се необично опуштени, како што покажува примерот по трката во Франција минатиот викенд.
Асот на Ред бул, Ферстапен го помина светскиот шампион на Мерцедес, Хамилтон во претпоследниот круг во една од најинтересните и највозбудливите трки оваа сезона, но по трката немало тензија, туку разговор за фризурата на Хамилтон.
Новинарот Том Кларксон, кој е задолжен за организација на прес-конференциите по трката, открива како течел разговорот.
„Пред да се вклучат камерите, Макс и Луис си разговараа. Луис почна со брзината на Макс на рамните делови, но Макс ја смени темата за неговата фризура. Прашуваше како ја прави фризурата. Луис одговори дека негов пријател доаѓа еднаш неделно да го среди. Само што ја загуби трката од Макс, но атмосферата беше опуштена, хармониична. Неверојатно. Сигурно не е толку опуштено кога зборуваат Кристијан Хорнер и Тото Волф“, вели Кларксон.