Top Sport

Рејсинг поинт останува со розов болид и во 2020

Рејсинг поинт беа последниот Ф1 тим кој го презентираше својот нов болид за 2020, покажувајќи го РП20 болидот на специјална промоција во Мондзе, Австрија.

Причината поради која промоцијата се случува во Австрија е нивниот главен спонзор „БВТ“ и ова е последен пат тимот да го носи името пред во 2021 година да биде преименуван во Астон Мартин Ф1.

По отстранувањето на сината боја од претходниот спонзор „Спорт Песа“, болидот сега е целосно розов, а тимот има ново официјално име „БВТ Рејсинг поинт формула 1“.

„Од 2017 година градиме успешно партнерство со ’БВТ’ и четвртата година тие ќе бидат наш главен спонзор. Целта останува да се освои четвртото место и да се биде што е можно поблиску до врвните тимови“, вели шефот на тимот, Отмар Шафнауер.

Откако сите болиди за 2020 беа претставени, следен чекор е тестирањето пред стартот на сезоната, кое започнува во среда на 19 февруари во Барселона.

Scroll to Top