Шпанскиот мотоциклист Алекс Ринс од следната сезона ќе вози за Јамаха, соопштија од јапонскиот тим. Ринс ќе го замени Италијанецот Франко Морбидели кој поради лошата форма ќе го напушти тимот на крајот од сезоната.
Ринс од 2017 година возеше за тимот на Сузуки со кој постигна 17 победнички подиуми (пет победи), а оваа сезона по повлекувањето на Сузуки од шампионатот во Мото ГП се пресели во ЛЦР Хонда.
„Среќни сме што Алекс ќе и се приклучи на Јамаха и топло му посакуваме добредојде во Јамаха… Тој има долгогодишно искуство како возач во Мото ГП и е познат како природен талент и повеќекратен победник на трки во класата Мото ГП“, изјавиј генералниот директор на Јамаха, Лин Џарвис.
Оваа сезона 27. годишникот забележа победа во трката за Големата награда на САД.
На 10. јуни Ринс ја скрши ногата на спринт трка на патеката Муџело, поради што нема да вози до крајот на сезоната.
„Уверени сме дека тој целосно ќе закрепне и ќе биде подготвен за сезоната 2024“, додаде Џарвис.
Колега на Ринс ќе му биде поранешниот светски првак Фабио Квартараро.
Викендов на патеката Силверстоун се вози деветтата сезонска трка во Мото ГП шампионатот.