Top Sport

Ривалите со „листа“ на нерегуларни делови на новото Ферари

Одличниот старт на сезоната на Ферари предизвика многу „завидливи“ погледи од ривалите, кои повторно ја придвижија темата околу легалноста на нивниот СФ71-Х болид.

Со две победи во четири трки и импресивна брзина на сите четири патеки, болидот на Скудерија се покажа како ефикасен тркач, и ривалите не се задоволни.

Неодамна Николас Томбазис, поранешниот инженер на Ферари, кој сега работи во ФИА, им прати писмо на сите тимови со „потсетник“ за правилата за издувните гасови, а оваа недела ФИА даде нова директива за да се спречи користење на „дупката“ во правилата за подобри перформанси на квалификациите со дополнително горење на моторно масло.

Во двата случаи се верува дека причината е токму Ферари, иако досега од ФИА постојано тврдеа дека болидот на Ферари е „совршено легален“.

„ФИА направи детална анализа на болидот на Ферари во Кина и ја разгледа цела шема на користењето на маслото“, тврди угледниот германски магазин „Ауто мотор унд спорт“.

Според нив, главните ривали на Ферари постојано внимаваат на развојот на настаните во Маранело. Ред бул тврделе дека специфичната форма на ретровизорите на болидот на Ферари не се според правилата, додека Мерцедес се сомневаат во „умниот дизајн“ на батеријата за хибридниот дел на моторот, која наводно давала повеќе од дозволените 4 мега џули енергија.

„Оваа тема ќе ја слушаме постојано во следните недели. Една можност е поранешниот шеф на мотори на Ферари, Лоренцо Саси, кој од април работи во Мерцедес да ги предава сите тајни“, вели соработникот на „Ауто мотор унд спорт“, Михаел Шмит.

ФИА ја анализира легалноста на болидот на Ферари

Scroll to Top