Генералниот менаџер на Формула 1, и поранешен технички директор на Ферари и Мерцедес, Рос Браун вели дека е импресиониран од асот на Ред бул, Макс Ферстапен по неговата победа на неделната трка во Силверстоун, споредувајќи го со седумкратниот шампион Михаел Шумахер.
Браун знае што зборува, бидејќи помогна да се изгради кариерата на Шумахер, дизајнирајќи му шампионски болиди со Бенетон и Ферари, а подоцна работеа заедно и во Мерцедес, на почетоците на тимот во 2010 година.
„Макс беше едноставно сензационален во Силверстоун. Ме потсетува на Михаел Шумахер на толку многу начини. Кога ќе го слушнете како разговара со тимот преку радиото ви станува јасно. Ограничувањето кое го има болидот не е ограничување за Макс Ферстапен. Тој успева да го почувствува болидот и да реагира како што е потребно. Се сеќавам дека на почетокот во Ф1 се гледаше неговата брзина, а сега тука е и зрелоста. Посебно ми се допадна кога кажа дека не сака да вози како баба кога побараа да ги менаџира гумите. Тоа покажува огромна самодоверба, но и одличен однос со тимот“, вели Браун.