Техничкиот директор на тимот на Рејсинг поинт, Ендру Грин тврди дека Светската автомобилистичка федерација (ФИА) детално го прегледала нивниот РП20 болид, за кој многу ривали имаа сомнежи дека се работи само за копија на минатогодишниот болид на Мерцедес, по што го доби прекарот „Розевиот Мерцедес“.
Грин вели дека луѓето на ФИА биле во седиштето на тимот и дека утврдиле дека не постоеле нелегални трансфери на податоци помеѓу Мерцедес и Рејсинг поинт и дека не сфаќа зошто ривалите би протестирале.
„Не знам која би била основата на нивните протести во иднина. Кога го промовиравме нашиот болид, зборувавме со ФИА, нивни луѓе дојдоа во фабриката и го разгледаа дизајнот на болидот. Дури земаа и податоци од минатогодишниот болид на Мерцедес за споредба и беа целосно задоволни од нашиот дизајн. Можеби има некои сличности со болидот на Мерцедес, но само сличности, а не и идентични делови. Можат да врескаат колку сакаат, но мислам дека го прават тоа бидејќи го пропуштија трикот“, вели Грин за „Моторспорт“.
Рејсинг поинт отворено признаа на презентацијата дека го базирале дизајнот на РП20 на фотографии на болидот на Мерцедес од минатата година, со кој „сребрената стрела“ ја освои титулата. Иако дел од тимовите сметаа дека ова е некоректно во Формула 1, во регулативите нема ништо што забранува ваква дејност.
Ривалите незадоволни – болидот на Рејсинг поинт е „копија“ на стариот Мерцедес!