За десет дена ќе се навршат пет години од трагичната несреќа која ја доживеа Михаел Шумахер додека скијал, на француските Алпи. Јавноста од тој момент знае многу малку за здравствената состојба на седумкратниот светски првак во Формула 1.
Информациите што ги добиваа медиумите најчесто беа од портпаролката на семејството Забине Кем, или од неговите блиски пријатели, што имале можност да го посетат. Најчесто такви вести до медиумите пласираше неговиот поранешен шеф во Ферари, Жан Тод.
Семејството на славниот возач реши да го „скрие“ од јавноста, особено тоа се однесува на периодот кога тој ја напушти болницата во Франција и е префрлен во неговиот дон во близина на Женева.
Јасно е дека Шумахер по се што му се случи нема да биде оној стариот, меѓутоа утрово британски „Дејли Мејл“ објави информација која го воодушеви неговите фанови. Според овој извор Шумахер повеќе не е врзан само за креветот. Тој се чувствувал добро, повеќе не зависи од апаратите што го одржуваа во живот изминатите пет години, но и понатаму ќе останел заштитен од очите на јавноста.
Инаку, домот на Шумахер во близина на Женева вреди 50 милиони евра и е претворен во еден вид на болница. Една недела за неговото лекување кошта околу 50.000 евра.