Промоторите на Големата награда на Сингапур соопштија дека нема да ја организираат трката доколку таа треба да се вози пред празни трибини. Поради коронавирусот сезоната во Формула 1 се уште не е започната, досега се одложени или откажани десет трки.

Челните луѓе на ФИА и Ф1 планираат сезоната да започне на 5 јули со Големата награда на Австрија, а потоа би се возеле две трки во Велика Британија на патеката во Силверстон.

Овие трки се планирани да се возат пред празни трибини, но челниците на Ф1 се надеваат дека подоцна во текот на сезоната ќе можат да се возат трки пред публика.

„Наш приоритет останува нашите навивачи, волонтери и сите граѓани на Сингапур да бидат безбедни. Имаме отворен дијалог со Формула 1. Финансиски за нас е неисплатливо трката да се одржи пред празни трибини“, соопштиле промоторите на трката.

Трката за Големата на Сингапур според календарот треба да се вози на 20 септември.