Top Sport

„Сребрената стрела“ доминира – Ботас пред Хамилтон во Баку за четврта 1-2 победа

Валтери Ботас се израмни со својот колега Луис Хамилтон со по две победи во првите четири трки од новата Ф1 сезона, откако Финецот ја заддржи пол-позицијата низ тесните улици на азербејџанската престолнина Баку за по четврти пат да стигнат до 1-2 победа.

Иако пред викендот Ферари се сметаше за апсолутен фаворит поради брзината на својот болид, Мерцедес успеа да направи „пресврт“ во саботата со освојување на првите две места на квалификациите, за потоа рутински да стигнат до победата. Со победата, Ботас се враќа на првото место во генерален пласман со еден поен пред Хамилтон, така што ако го нема предизвикот од Ферари, тогаш барем не очекува интересна борба меѓу двајцата тимски колеги.

Себастијан Фетел во Ферари мораше да се задоволи со последното скалило на подиумот, оставајќи го Макс Ферстапен (Ред бул) зад него, додека во поени беа уште и несреќниот Шарл Леклер во второто Ферари по катастрофалните квалификации, Серхио Перез (Рејсинг поинт), двојката на Мекларен, Карлос Саинс Јуниор и Лендо Норис, Ленс Строл (Рејсинг поинт) и Кими Раиконен (Алфа Ромео).

Најбрзиот круг и дополнителниот поен во интересна пресметка го освои Шарл Леклер со импресивен последен круг, поставувајќи рекорд на патеката.

Дванаесет месеци откако му избега победата поради дупната гума во финишот, Ботас го изддржи притисокот од Хамилтон во финишот за импресивна победа.

Хамилтон имаше подобар старт од него, но Ботас успеа да остане пред него, по што веднаш направи разлика пред да влезе во боксот во 12. круг, еден круг по Фетел и еден пред Хамилтон. Ова значеше дека Финецот остана во водство, но Фетел се доближи до Хамилтон.

Брзината на „средните“ гуми се покажа супериорна од „меките“ и Леклер по падот на 10. место на првиот круг, десет круга подоцна беше четврти и дојде во водство кога првите тројца влегоа во боксот за да ги сменат „меките гуми“.  Леклер остана лидер до средината на трката, пред Ботас да го помине во 32. круг. По ова Ботас, рутински дојде до победата, иако Хамилтон успеа да дојде блиску до крајот.

Scroll to Top