Претседателот на ФИА и поранешен прв човек на Ферари, Жан Тод го спореди победникот на последните две Ф1 трки, Шарл Леклер со легендарниот седумкратен светски шампион Михаел Шумахер, кому Тод му беше шеф во славните години на „коњчето“.
Секако, Тод можеби е малку пристрасен бидејќи неговиот син Никола Тод е менаџер на младиот возач од Монако, кој победи во Спа и во Монца и се закани дека ќе го му ја преземе позицијата на прв возач на Себастијан Фетел во Ферари.
„Шарл има екстремно силен менталитет. Тој ги има сите квалитети на големите шампиони и го води тимот на ист начин како што Михаел Шумахер го правеше. Тој е иднината на Ферари и на Формула 1“, вели Тод во интервју за „Ауто билд“.
Со него се согласува и поранешниот светски шампион Жак Вилнев, кој вели дека Леклер има „убиствен инстинкт“.
„Друг возач ќе беше казнет за дуелот со Луис Хамилтон во Монца, но Шарл знае до каде е границата и што е дозволено. Покажа дека е умен и искусен на 22 години“, вели Вилнев.