Светската автомобилистичка федерација (ФИА) требаше да осигура дека Мерцедес имаат безбеден болид наместо да ги менува правилата за сите 10 тима во Формула 1, вели шефот на Ред бул, Кристијан Хорнер по техничката директива на ФИА за решавање на проблемите со „потскокнувањето“ на болидите поради новите правила.
Според Хорнер, ФИА треба повеќе да е загрижена за зголемената инфлација и енергетските трошоци отколку на „потскокнувањето“ од кое страдаше Мерцедес, додавајќи дека не е фер да се менуваат правилата сред сезона по барање на еден тим.
„Крајно е нефер да се случува ова во овој дел од сезоната, кога има само еден тим кој ја има утнато својата цел. Дали е во ред да се менуваат работите за само еден тим, или да осигурате тој тим да се ‘среди’?“, се прашува Хорнер.
Ред бул имаат шест победи во првите осум трки пред Канадското ГП овој викенд и водат во генерален пласман кај конструктори и возачи, и Хорнер тврди дека дел од тимовите го преувеличуваат проблемот за да добијат „поени“ кај ФИА.
„Можеби и моите возачи треба само да се жалат колку што можат за да направат голем проблем за да има реакција од ФИА. Не велам дека директивата е грешна, но потребна беше комуникација со тимовите пред да се имплементираат промените. Поголеми проблеми кои треба да се решат е огромната инфлација, која прави големи проблеми за тимовите“, додава Хорнер.
Ферстапен: Ако не знаете да дизајнирате болид, тоа е ваша грешка