Top Sport

Ангеловски: Украина е фаворит, но ние немаме притисок

Фудбалската репрезентација на Македонија утре од 15 часот го игра вториот меч на ЕУРО 2020 – противник селекцијата на Украина која загуби по првите 90 минути на ЕП од Холандија, 3-2.

Селекторот на македонскиот национален тим, Игор Ангеловски е свесен дека пораз ќе значи крај на надежите за следна фаза, но напоменува дека притисокот ќе биде врз играчите предводени од Андриј Шевченко.

„Ние дојдовме на ова Европско првенство со цел да се бориме за пласман во следната фаза и таа цел сѐ уште стои пред нас, а нѐ чека меч со директен конкурент, кој како и ние има нула бодови и ова е своевидно финале. Победникот од овој меч ќе си ги зголеми шансите за пласман, а ние немаме притисок, зашто Украина е фаворит, а за нив ако не успеат да нѐ победат и да се пласираат понатаму тоа ќе биде трагедија. Затоа ние влегуваме максимално мотивирано, со голем респект кон Украина, да го задржиме тоа што беше позитивно од мечот со Австрија, а лошите моменти да ги поправиме“ – рече селекторот Ангеловски на прес-конференцијата.

Популарниот „Мрме“ посочува дека Украина е тежок ривал. Го покажаа тоа во Амстердам.

„Украина е исклучително квалитетна, тоа се виде и со Холандија, кога од 0-2 успеаја да стигнат до 2-2, иако на крајот го загубија тој меч. Јермоленко, Зинченко, Малиновски и останатите се одлични фудбалери, добри индивидуалци кои играат во елитни клубови, ама и Македонија има одлични фудбалери“ – вели Ангеловски.
Засега останува енигма со кои 11-мина Македонија ќе истрча утре од 15 часот на националниот стадион во Букурешт.

Scroll to Top