Елиминацијата на Франција од ЕУРО 2020 очигледно поминува „експлозивно“, откако спортскиот весник „Л’Екип“ излезе со шокантни детали за неединството во репрезентацијата, подгреано од родителите на фудбалските ѕвезди пред елиминацијата од Швајцарија во осминафиналето.
И покрај ова, француската федерација инсистира дека селекторот Дидие Дешам останува сигурно селектор барем до 2022 година, односно до крајот на настапите на СП во Катар.
Првите знаци на незадоволство во тимот беа по победата во пријателскиот меч над Бугарија, кога Килијан Мбапе беше налутен од коментарите на Оливие Жиру за неговата „себичност“ и тоа што не му додава доволно. Според „Л’Екип“, ова само направило раздор меѓу 26-те ѕвезди на тимот, а тензијата се кренала поради лошите хотели и ограничувањето на пристап на членовите на семејството.
Додека Англија, Италија и Шпанија повеќето натпревари ги играа дома, Франција играше во Минхен, Будимпешта и Букурешт, без постојан камп. Според весникот, Погба предложил наместо во „Мериот“ хотелот во Будимпешта да бидат сместени во Гардоњи, мало градче на 50 километри, но федерацијата го одбила ова.
Повлекувањето на Усман Дембеле поради повреда, уште повеќе го влошила паднатиот морал на тимот, бидејќи тој бил еден од ретките фудбалери покрај Погба кој бил во добри односи со сите во тимот, почнувајќи од Мбапе, Жиру, Антоан Гризман, до повратникот Карим Бензема.
На трибините во Букурешт, пак, инцидент предизвикала мајката на Адриен Рабио, Вероник, влегувајќи во конфликт со родителите на Мбапе и на Пол Погба.
На теренот пак, фудбалерите се обвинувале меѓусебно – Рабио и Погба во текот на целиот меч за слабата игра на Погба во одбрана. Рафаел Варан пак го обвинил Бенжамин Павар за примените два гола. По крајот на мечот, Дешам ветил дека тој ќе ги изддржи сите критики од јавноста и медиумите, и им порачал да почнат да се почитуваат пред квалификациите за СП во септември.