Околу 24 часа има до почетокот на големото финале на ЕУРО 2020. За континенталниот трофеј ќе се борат Англија и Италија, две селекции кои прикажаа одлични игри на турнирот изминатиот еден месец.
Селекторот на Италија, Роберто Манчини смета дека ова ќе биде судир на две потполно различни фудбалски стилови.
„Англичаните се физички посилни од нас, не само на средината, за сите позиции. Но фудбалот се игра со топка во нозете, па се надеваме дека техниката може да победи. Англија секогаш имала квалитетни тимови, но константно им недостасуваше среќа. Ги знам нивните квалитети, не можете да стигнете до финале без силен тим“ дециден е Манчини.
Селекторот на „Азурите“ вели дека знае што ќе биде утревечер најбитно за неговиот состав.
„Она што Италија мора да го стори е да остане смирена. Тоа е тешко од повеќе причини, но мораме да се концентрираме на фудбал и да разбереме дека ова е последната пречка. Сакаме да уживаме сите 90 минути. Ова е еден од најбитните моменти во мојата кариера. Играв за многу селекции на државниот тим, не го освоивме ЕУРО У-21 и СП кога тоа го заслуживме, се надевам дека утре како тренер ќе го почувствувам тоа задоволство“ заклучи Манчини.