Веќе нема калкулирање, нема шанси за поправен меч, за „провлекување“ во наредната фаза – денеска почнуваат осминафиналните дуели на ЕУРО 2020 со 16 желби за успех и слава.
Денеска, прво во 18 часот, на „Јохан Кројф арената“ во Амстердам се сретнуваат Велс и Данска, две репрезентации кои не се сметаат за фаворити на турнирот, пред во 21 часот на „Вембли“ во Лондон, фаворизираните Италијанци да се судрат со нашиот добар познаник, репрезентацијата на Австрија.
Велшаните се надеваат на неверојатна реприза на 2016 година, кога успеаја да ги елиминираат фаворизираните Белгијци и да стигнат до полуфиналето, каде што загубија од евентуалниот шампион Португалија. Овојпат, малкумина веруваат во нивните шанси за голем резултат, но со расположениот Герет Бејл, кој беше еден од најдобрите во натпреварите по групи, можно е изненадување.
Данците, пак, емотивно успеаја да се пласираат во осминафиналето откако ги загубија првите два меча, а покрај тоа беа потресени со целата ситуација околу Кристијан Ериксен и неговиот срцев напад. Статистиката не е на нивна страна – по славната победа на ЕУРО 1992 (кога влегоа на турнирот како замена за поранешна Југославија), тие немаат сврзано две победи на ЕП.
Ако во првиот меч на денот нема фаворит, во вториот „аѕурите“ на Роберто Манчини влегуваат како апсолутни фаворити против Австрија. По „националната катастрофа“ и неуспехот да се квалификуваат на СП во 2018 година, Манчини го трансформираше својот тим и сега имаат неверојатна серија од 11 победи без примен гол и немаат пораз 30 меча. Покрај тоа, Италија нема загубено од Австрија во последните 13 меѓусебни меча, серија која трае од 1962 година.
Австријците, сепак, покажаа дека се сосема сериозен тим. Предводени од капитенот Давид Алаба, тие конечно првпат во историјата победија на два натпревари од едно Европско првенство (против Македонија и Украина) и ќе ја чекаат својата шанса.