Ацo Стојков ја презема функцијата спортски директор во македонскиот прволигаш Академија Пандев. Поранешниот репрезентативец на Македонија, како и фудбалер со голема интернaционална кариера, од денес влегува во раководните структури на клубот.
Струмичанецот беше дел и од тимот на Академија Пандев кој го освои Купот на Македонија за сезона 2018/19.
„Навистина сум почестен со шансата што ми е дадена и сакам да се заблагодарам на Горан Пандев за тоа што ме препозна мене како човек кој може да допринесе многу во развојот на една нова модерна фудбалска приказна. Без да должам со детали, кои секако наскоро ќе и бидат презентирани на македонската јавност, само ќе кажам дека партнерството на Академија Пандев со италијанската Брера Холдинг допринесе дополнително да ја прифатам понудата за спортски директор, бидејќи се работи за еден визионерски проект, и план за издигнување на ниво погоре во работењето и организацијата на клубот во иднина. Во периодот кој следува етапно ќе ги презентираме и новите засилувања кои ќе бидат дел од нашиот пролетен тим. Целта е една, да излеземе од опасната зона и што порано да го обезбедиме опстанокот, а потоа мирно да го приведеме првенството при крај. Секако и максимално ќе се посветиме на изградба на структурата која ќе ја крене Академија Пандев на следно ниво“, изјави новиот спортски директор Ацо Стојков.