Арогантно „детиште“! Неблагодарен фудбалер кој мисли на парите! Џабе му е талентот кога нема карактер! Никогаш нема да биде голем играч! Ова се дел од обвинувањата и коментарите кои фудбалските навивачи кои не го преферираат Килијан Мбапе во текот на неговата кратка, но блескава кариера ги посочуваат кон 23-годишниот Французин.
Многумина од нив, секако, ќе најдат и задоволство во поразот на Франција во големото мундијалско финале од Лионел Меси, неговиот соиграч од Пари Сен-Жермен и човек, кој покрај својата брилијантност, во мнозинството случаи наидува на добронамерни коментари. Неговите изблици на бес, како против Холандија на овој Мундијал, се објаснуваат како емотивност и страст кон фудбалот, неговата висока плата се прикажува како „заслужена“, неговите побарувања од соиграчите како „рецепт“ за победа.
Несомнено, Меси ќе остане „крал“ на фудбалот, посебно откако го „сврте“ фудбалот со трофејот од Светското првенство, комплетирајќи колекција на трофеи каква што не е видена во модерниот фудбал. Но, времето на Мбапе доаѓа. За потсетување, тој има само 23 години, веќе една титула светски шампион, а токму во финалето во Доха покажа дека тој е човекот кој ја „влече“ француската репрезентација напред со својот хет-трик, како прв фудбалер по Англичанецот Џеф Хрст во 1966 година, во моментите кога беше најтешко. Тој ја презеде одговорноста да застане на белата точка дури трипати за Франција – еднаш во регуларните 90 минути, вторпат во продолжението и третпат во пенал-серијата.
Графика: Sofascore за Топспорт.мк