Top Sport

Алисон Бекер: Наполи може да ја освои ЛШ

Голманот на Ливерпул, Алисон Бекер ги пофали овосезонските изданија на Наполи. Наполитанците само чудо може да го спречи да остане без титулата во Серија А, додека во Лигата на шампионите стигна до четвртфиналето.

Наполи во Серија А има 18 поени повеќе од второпласираниот Интер, а во Лигата на шампионите во борбата за место меѓу четирите најдобри ривал ќе им биде Милан.

„Одлично му оди на Наполи. Игравме со нив, тие се исклучително силни. Самоуверени се, имаат квалитетни играчи. Лучијано Спалети врши одлична работа со играчите. Мислам дека ги имаат сите квалитети што им овозможува да напредуваат. Можат да ја освојат Серија А и ако продолжат вака можат да направат нешто големо“, изјави Алисон и продолжи:

„Освојувањето на Лигата на шампионите е важен настан. Потребни се многу квалитетни играчи, но тоа не е единственото нешто што е важно. Треба да имате самодоверба и способност да бидете маж на теренот. Наполи го има. Ги следам случувањата во Италија, ја сакам таа земја“.

Бразилецот пред да дојде во Ливерпул го носеше дресот на Рома.

Scroll to Top