Напаѓачот на Реал Мадрид, Винисиус Жуниор е најдобриот млад фудбалер на светот, вели неговиот бразилски сонародник, Дани Алвеш.
Винисиус дебитираше за Фламенго на само 16 години, а Реал Мадрид веднаш му „фрли око“ склучувајќи договор од 46 милиони евра и оставајќи го тинејџерот да се развива во Бразил. Трансферот се комплетираше во 2018 и тој импресионираше минатата сезона, а оваа во партнерство со уште еден млад Бразилец, Родриго треба да биде иднина на „кралевите“.
Алвеш вели дека 19-годишниот Винисиус е фудбалерот со најголем потенцијал на светот.
„Би кажал дека најветувачки е Винисиус Жуниор од Реал Мадрид. Има фудбалери кои се раѓаат со талент и тој е таков. Имав шанса да го следам блиску со бразилската репрезентација и мислам дека наскоро ќе слушаме многу повеќе за него“, вели Алвеш.
Винисиус засега има само еден настап во сениорската репрезентација на Бразил, но повредата го спречи да биде вклучен во тимот на Тите за Копа Америка. Алвеш знае дека не е лесно да се справи со очекувањата во Реал.
„Во фудбалот секогаш има нови таленти. Во Барселона пред Лео Меси го имаа Роналдињо, пред Роналдињо други големи фудбалери. Ќе биде тешко да најдат замена за Меси“, додава Алвеш.