Top Sport

Англиската фудбалска сезона не може да биде завршена?

Претседателот на Англиската Фудбалска асоцијација (ФА), Грег Кларк јасно им порачал на претставниците на Премиер лигата дека не верува дека оваа сезона во англискиот фудбал може да биде комплетирана, јавува обично доверливиот „Тајмс“.

Кларк беше дел од итниот состанок на Премиер лигата, на кој се согласија да се стават на пауза сите натпреварувања во Англија до 4 април по низата на случаи на корона вирусот кај фудбалери и членови на тимот. Според „Тајмс“ причината поради која се верува дека англиската сезона не може да биде затворена е по индикациите дека вирусот нема да го достигне својот максимум во Велика Британија до јуни.

„Комерцијалната реалност за Премиер лигата и за УЕФА е ако не се комплетира сезоната тие ги прекршуваат договорите за ТВ-права, бидејќи ТВ-мрежите нема да ги платат купените сезони. За Премиер лигата, ова е сума од околу 3 милијарди евра“, вели човек присутен на состанокот за „Тајмс“.

Друг извештај во весникот „Индепендент“, можноста да се продолжи со фудбалот во април е „невозможна“ и дека најверојатно ќе следува затворање од шест месеци.

„Фудбалските власти во Англија и Европа се подготвуваат за целосно затварање на спортот до септември и покрај стравувањата дека клубовите ќе банкротираат, а спортот ќе се најде на точка на топење“, велат од „Индепендент“.

Откажувањето на сезоната би било најуништувачко за тимот на Ливерпул, кои имаат триумфална сезона која треба да биде крунисана со првата титула по 30 години, но според англиските медиуми дел од премиерлигашките клубови веќе јавно бараат откажување на сезоната, во прв план Вест хем и Тотенхем. Ако се случи откажување, останува нејасно дали Ливерпул ќе го добие трофејот, кој ќе игра во европските купови и кој ќе испадне од лигата.

Scroll to Top